Tuesday, January 2, 2018

„Галебот Џонатан Ливингстон“ - Ричард Бах



            Џонатан е различен галеб од останатите во Јатото. За повеќето најважно е да се најадат, за Џонатан, тоа не е доволно. Одлучен е да научи совршено да лета. Бунтовник кој има цел во животот. Место едноставно летање за храна, тој има поразлично сфаќање за животот. 
            Притисокот од Јатото и советите на татка си за кратко го замислуваат да започне да се однесува како другите, но неговиот свет е летањето, освојувањето на далечните, експериментирањето во височините. Неуспесите не го обесхрабруваат, туку го поттикнуваат повеќе.
            Пред Советот, светот на Џонатан е поразен. Старешините на Јатото го протеруваат поради неодговорно и срамно однесување. Неговите постапки се прогласени како прекршување на честа и традицијата во фамилијата на галебите. Казнет е со осаменички живот далеку од Јатото.
            Протераниот Џонатан не се откажува од својот сон. Желбата е уште поцврста, да се достигне совршенството, да се совлада летањето, да се биде слободен. За Џонатан многу работи се менуваат по запознавањето со старешината Ганг, мудар учител, кој објаснува дека не постои Рајот. Тој не е ниту место, ниту време. Рајот е достигнување совршенство.  Деновите со учителот се одбројани. Продолжи да работиш на љубовта, се последните негови зборови упатени кон Џонатан.
            Галебот го напушта новиот свет, се враќа во Јатото и ја прекршува заповедта стара десетици илјади години. Џонатан засекогаш го напушта тој свет, оставајќи го Флечер како нов учител да ги подучува младите галеби на патот кон остварување на слободата и совршеноста.
            Понекогаш  поради различноста некој може да биде отфрлен. Но, и покрај тоа не треба да се откаже од своите соништа. Онoј кој лета највисоко, гледа најдалеку.

No comments:

Post a Comment