Во делото „Сердарот“ од Григор Прличев е опеан јунакот
Кузман Капидан, поради неговата борба против разбојничките банди кои вршеле
терор во Западна Македонија. Главна тема е неговото убиство и тагувањето на
народот и неговата мајка Неда.
Неда е
мајката на Кузман Капидан. Таа е храбра и решителна како и нејзиниот син. Им се
спротивставува на непријателите и е подготвена сама да ја продолжи битката која
ја започнал нејзиниот син. Неда е многу решителна, но и горда, борбена и
најважно од се е чесна. Таа е на некои средни години, здрава и силна жена. Има
сопствен став и иако е постара е многу убава. Григор Прличев преку ликот на
Неда ја опишал неговата мајка кон која чувствувал голема љубов и почит. Неда
пред да дознае за смртта на нејзиниот син претпоставувала дека ќе се случи
нешто лошо, бидејќи претходно сонувала лош сон. Иако таа секако била многу
тажна и плачела поради смртта на нејзиниот единствен син Кузман, не дозволувала
другите да го оплакуваат. Таа сметала дека оплакувањето нема да помогне доколку
тие самите не го продолжат неговото дело.
Кузман е
силен и храбар јунак кој не се плаши од ништо. Тој е заштитник на народот, кој
го жртвува животот за доброто на сите. Уште од мал тој имал желба да има меч со
кој ќе ги победи сите битки. Истата му се остварила. Кузман е горд што е син на
Сердарот. Ги мотивира своите соработници за тоа како треба да се борат. Тој ја
има истата судбина како и неговиот татко, кој е убиен од непријателот, па затоа
Кузман останал мал сирак. Кузман знае за својот татко преку раскажувањето на
мајка му. Штом пораснал тој заминал да се бори и го заменил неговиот татко и
така станал и сердар. Како и кај сите луѓе и Кузман имал свои човечки особини
како љубовта и почитта кон неговата мајка, како и кон неговата девојка Марија.
Гегите
во поемата не се негативни ликови. Тие се непријатели, многу се бездушни,
големи крадци, немилосрдни и убијци. Но, се разбира и тие имаат свои позитивни
карактеристики. Тие помогнале во носењето на мртвото тело на Кузман во домот на
Неда, ризикувајќи ги животите, да бидат убиени од гневното и жално за одмазда
население. Тие и самите се големи борци, кои имаат многу почит кон борецот, а
така ја покажуваат својата човечност. Особено во поемата се истакнува стариот
Албанец, со својата мудрост и желба да ја утеши ужалената мајка Неда, која
сеуште жали за својот син Кузман, величејќи го неговиот смртен непријател. Со
сите овие позитивни карактеристики можеме да заклучиме дека Гегите не се само
споменувани како негативни ликови, туку дека имаат и бројни позитивни
карактеристики.
Со овој
комплетен опис на ликовите можеме да заклучиме дека сите ликови си имаат свои
предности и свои недостатоци. Но, ние не смееме предвреме да ги осудуваме и да
ги предвидуваме нивните карактеристики и постатпки. А што се однесува до
поемата Сердарот таа ни е важна, бидејќи е опишана тешката состојба на народот
во тоа време. Со ова дело Григор Прличев ни го укажува и настојувањето на
народот да ги сменат работите и да си го олеснат животот. Григор Прличев за
неговото дело ја добил наградата Ловоров венец и бил наречен „Втор Хомер“.
No comments:
Post a Comment