Thursday, February 9, 2017

Дали времето во коешто живеам е најдобро за мојата генерација?



            „Животот е многу едноставен, но ние настојуваме да го направиме комплициран.“ Откако постои човештвото постојат и стремежот и желбата за поубави услови и можности за живеење и комуникација. Со текот на времето напредува и развојот на технологијата, кој е битен елемент во современиот живот.
            Времето во коешто денес живее мојата генерација нуди многу поволности. Во поглед на образованието се нуди современо образование со примена на електоронската технологија во наставата. Учениците имаат можност самите да истражуваат на интернет, да наоѓаат материјали, кои се пообемни во споредба со оние што се нудат во учебниците. Истите да ги селектираат и да учат да градат сопствено мислење кон одредени прашања и теми од различни области.
            Но, не само од аспект на образование, на младите им се нудат и поубави услови за живеење. Тие живеат во топли домови, опремени со современи апарати кои го олеснуваат начинот на функционирање. Наспроти тоа младите генерации во минатото имале ограничени можности, се затоплувала само просторијата во којашто се седело, имале радио, а помал број на семејства телевизор и телефон. Освен тоа денес младите имаат можност за користење на превозни средства за секоја дестинација. Можат да посетат најразлични манифестации, да членуваат во спортски клубови, како и во културно-уметнички друштва.
            Динамичниот начин на живеење има и своја негативна страна. Родителите во потрага по обезбедување поубав живот за своите деца најчесто и немаат слободно време да им се посветат на нив. Некои од децата го злоупотребуваат тоа и почнуваат да се занимаваат со нешта, кои на почетокот изгледаат интересни, а понатаму стануваат зависници од социјалните мрежи. Со тоа се нарушува нормалниот однос на комуникација.
            Сѐвкупно може да се каже дека мојата генерација живее во едно време кое од една страна нуди можности за удобен живот. Современата технологија ни овозможува и личен напредок. Од друга страна денешново време прави оттуѓување на човек од човека. Понекогаш  вистинските пријатели и дружења се заменуваат со виртуелни и опасности не демнат од секаде.

1 comment:

  1. Се согласувам со твоето мислење денеска е најдоброто време бидејки технологијата е многу напредната.

    ReplyDelete