Thursday, December 21, 2017

„Бескрајна приказна“-Михаил Енде

            Делото „Бескрајна приказна“ започнува со појавата на Бастијан Балтазар Бак- десетгодишно осамено и тажно дете кое сите го омаловажуваат и кое нема мајка. Тој никаде не бил успешен, ниту имал убави оцени, ниту бил добар во спорт. Но, Бастијан многу сакал да чита книги. Настаните во ова дело се случуваат во ХХ век во Земјата Фантазија.
            Еден ден тој бегајќи од група на деца по дождот, влегол во една книжарница каде продавачот се однесувал многу лошо со него. Продавачот читал некоја книга која сметал дека е „несоодветна за деца“, па Бастијан по краток разговор со него, ја украл. Откако ја земал книгата, не сакал да оди дома, па отишол на таванот во училиштето и почнал да ја чита.
            Во книгата која ја чита Бастијан, се сретнува јунакот Атреј, кој имал задача да ја спаси Детската Кралица од Ништото. Бастијан се повеќе се внесува во книгата, што во еден момент доаѓа до судир меѓу Атреј од книгата и Бастијан од реалниот живот.
            Атреј влегол во една пештера, каде се сретнал со страшниот волк Морг, кој исто така е дел од Ништото и сакал да ја уништи Фантазија. Тогаш, тој дознава дека Фантазија може да се уништи доколку Бастијан на Детската Кралица не и даде ново име.
             Поради тоа Детската Кралица го замолилa да и даде ново име, пред да биде предоцна и да ја снема Фантазија. Тој исплашен излегол на прозорецот и извикал: „Дете на Месечината''. Со тоа и дал ново име на Детската Кралица и ја спасил Фантазија.

Saturday, November 25, 2017

„Шагринска кожа“- Оноре де Балзак



                Во делото „Шагринска кожа“ од Оноре де Балзак главен лик, но и јунак е Рафаел де Валентин. Настаните се случуваат во XIX век во Париз, Франција.
                Ликот на Рафаел е динамичен, бидејќи тој носел решителни одлуки и секогаш одел кон целта. Сметам дека, доколку тој би бил личност би немал многу средства за живеење, но има преголеми желби. Тоа можеме да го заклучиме од неговиот обид за самоубиство, но и кога ја пронашол шагринската кожа која ја потрошил до крај. Рафаел живеел во француското општество со многу бурни револуционерни случувања. Денес имаме современо општество и повеќе нема такви бурни револуционерни случувања. Другите ликови го гледаат Рафаел како малку себичен лик, кој сака да ги задоволи само своите потреби. Тој е свесен за тоа како го гледаат другите ликови, но не толку свесен и за неговите постапки. Рафаел го гледал светот како место што треба да има многу задоволства, но и свет во кој тој останува без средства за живеење. Овој поглед на Рафаел кон светот е реалистичен. Сметам дека и во реалниот живот некој би се однесувал како него. Ликот на Рафаел е комплексен, бидејќи тој во текот на неговиот живот постојано се надградувал себеси.
                Со овој целосен опис на ликот можеме да заклучиме дека Рафаел не се грижел многу за тоа што ќе се случи по неговите одлуки.

Saturday, November 18, 2017

„Повик на дивината“- Џек Лондон

         

               Во делото „Повик на дивината“ од Џек Лондон се работи за кучето Бак кое доживува огромен број на настани во текот на неговиот живот. Тој е јунак во лектирата, кој е измачуван од многу негови сопственици.
               Бак е динамичен лик, а тоа можеме да го заклучиме од неговите постапки и од тоа што секогаш се стремел кон целта. Тој според своите постапки ни укажува на тоа дека би бил слободна и храбра личност. Ова може да го забележиме од неговите постапки, една од нив е кога не издржал и го нападнал кучето Шпиц. Општеството во коешто живее Бак е примитивно. Со тоа можеме да видиме колку е различно тоа општество за разлика од нашето. Сите ликови го гледаат Бак различно, едни како конкуренција, други како непријател, но има такви што го сметаат за мило и храбро куче, подготвено да помогне на сите. Бак бил свесен за тоа како го гледаат другите, исто така и за неговите постапки и однесување. За светот во кој живее тој смета дека тука ретко се наоѓаат добри луѓе како Торнтон, а полн е со непријатели. Погледот на Бак кон светот е сосема реалистичен, бидејќи тој ги преживеал сите тие измачувања. Постојат многу храбри луѓе како што е Бак. Овој лик е комплексен, бидејќи низ целиот живот поминал низ добри и лоши искуства и дознавал многу повеќе за светот и луѓето.
                Преку ликот на Бак дознаваме како се живеело во примитивното општество и како е да се жртвуваш за оној што го почитуваш.

Sunday, November 5, 2017

Панонски легенди

            „Панонски легенди“ е најстарото оригинално дело во средновековната литература. Составено е од два дела: Житие на Кирил и Житие на Методиј. Во житијата е опишан животот на двајцата браќа.
             Житието на Кирил во воведниот дел претставува обраќање кон Бога да покаже милост кон Кирил и да го наведе да прави добри дела. По воведниот дел се појавува опишувањето на неговиот живот од раѓањето до смртта. Од ова житие се дознава местото каде е роден, во кои мисии учествувал, каде се школувал и сл.
              Во житието на Методиј се истакнува дека браќата потекнуваат од висок род. Потоа се даваат податоците за неговиот живот од раѓањето до смртта. Методиј бил назначен за архиепископ. Тој ги правел сите богослужбени книги.
              Во заклучниот дел се опишани последните денови на Кирил, неговата смрт и последната желба да се сочува и продолжи неговото дело.

Thursday, October 19, 2017

„Сердарот“- Григор Прличев




           Во делото „Сердарот“ од Григор Прличев е опеан јунакот Кузман Капидан, поради неговата борба против разбојничките банди кои вршеле терор во Западна Македонија. Главна тема е неговото убиство и тагувањето на народот и неговата мајка Неда.
           Неда е мајката на Кузман Капидан. Таа е храбра и решителна како и нејзиниот син. Им се спротивставува на непријателите и е подготвена сама да ја продолжи битката која ја започнал нејзиниот син. Неда е многу решителна, но и горда, борбена и најважно од се е чесна. Таа е на некои средни години, здрава и силна жена. Има сопствен став и иако е постара е многу убава. Григор Прличев преку ликот на Неда ја опишал неговата мајка кон која чувствувал голема љубов и почит. Неда пред да дознае за смртта на нејзиниот син претпоставувала дека ќе се случи нешто лошо, бидејќи претходно сонувала лош сон. Иако таа секако била многу тажна и плачела поради смртта на нејзиниот единствен син Кузман, не дозволувала другите да го оплакуваат. Таа сметала дека оплакувањето нема да помогне доколку тие самите не го продолжат неговото дело.
            Кузман е силен и храбар јунак кој не се плаши од ништо. Тој е заштитник на народот, кој го жртвува животот за доброто на сите. Уште од мал тој имал желба да има меч со кој ќе ги победи сите битки. Истата му се остварила. Кузман е горд што е син на Сердарот. Ги мотивира своите соработници за тоа како треба да се борат. Тој ја има истата судбина како и неговиот татко, кој е убиен од непријателот, па затоа Кузман останал мал сирак. Кузман знае за својот татко преку раскажувањето на мајка му. Штом пораснал тој заминал да се бори и го заменил неговиот татко и така станал и сердар. Како и кај сите луѓе и Кузман имал свои човечки особини како љубовта и почитта кон неговата мајка, како и кон неговата девојка Марија.
            Гегите во поемата не се негативни ликови. Тие се непријатели, многу се бездушни, големи крадци, немилосрдни и убијци. Но, се разбира и тие имаат свои позитивни карактеристики. Тие помогнале во носењето на мртвото тело на Кузман во домот на Неда, ризикувајќи ги животите, да бидат убиени од гневното и жално за одмазда население. Тие и самите се големи борци, кои имаат многу почит кон борецот, а така ја покажуваат својата човечност. Особено во поемата се истакнува стариот Албанец, со својата мудрост и желба да ја утеши ужалената мајка Неда, која сеуште жали за својот син Кузман, величејќи го неговиот смртен непријател. Со сите овие позитивни карактеристики можеме да заклучиме дека Гегите не се само споменувани како негативни ликови, туку дека имаат и бројни позитивни карактеристики.
            Со овој комплетен опис на ликовите можеме да заклучиме дека сите ликови си имаат свои предности и свои недостатоци. Но, ние не смееме предвреме да ги осудуваме и да ги предвидуваме нивните карактеристики и постатпки. А што се однесува до поемата Сердарот таа ни е важна, бидејќи е опишана тешката состојба на народот во тоа време. Со ова дело Григор Прличев ни го укажува и настојувањето на народот да ги сменат работите и да си го олеснат животот. Григор Прличев за неговото дело ја добил наградата Ловоров венец и бил наречен „Втор Хомер“.